Дигитална алатка за скрининг на дислексија

 

Упатство за користење на алатката „Идентификувај за да можеш да поддржиш“

Оваа скрининг алатка е наменета да им помогне на кариерните советници, стручните служби и младинските работници да ги препознаат можните показатели на дислексија кај средношколците.

Алатката не претставува дијагностички инструмент, туку е алатка преку која што можеме да ги потврдиме сомнежите дека некој ученик се соочува со дислексија и може да помогне во планирањето на понатамошни чекори или поддршка.

Подготовка на средината

Пред да започнете со користење на алатката, важно е да се обезбеди мирна и поддржувачка атмосфера. Ученикот треба да се чувствува пријатно, прифатено и без притисок. Најдобро е алатката да се спроведе во тивка просторија без надворешни стимули и прекини. Топол, емпатичен и неосудувачки пристап од страна на стручниот соработник е клучен за ученикот да се чувствува сигурно и да одговара искрено.

 

Пред почетокот можете да започнете со кратко објаснување, на пример:

„Ќе поминеме низ неколку изјави за подобро да разбереме како ти е при читањето, пишувањето и учењето. Нема точни или погрешни одговори — само одговори искрено според твоето лично искуство.“

 

Охрабрете го ученикот да побара појаснување ако не разбере некое прашање. Потсетете го дека ова не е тест на интелигенција и дека многу успешни луѓе се соочиле со слични предизвици.

Како се спроведува

  • Прочитајте ги прашањата на глас, особено ако ученикот има тешкотии со читање.
  • Дозволете му да размисли пред да одговори, без брзање.
  • Ако е потребно, дајте примери за појаснување (на пр., „римувани зборови како мачка–прачка“).
  • Одговорите треба да се темелат на лично искуство, не на претпоставки за тоа што е „нормално“.

Оценување и интерпретација

Секој одговор има одредена вредност според внатрешниот систем за бодови.

За прашања 1–17, секој одговор се оценува со:

  • 1 бод (воопшто не)
  • 2 бода (малку)
  • 3 бода (понекогаш)
  • 4 бода (често)

За прашања 18–30, системот на бодирање е:

  • 2 бода (воопшто не)
  • 4 бода (малку)
  • 6 бода (понекогаш)
  • 8 бода (често)

Откако ќе се пресмета вкупниот број на бодови, резултатот од тестот треба да им помогне на стручните соработници да проценат дали е потребна дополнителна поддршка, индивидуализиран пристап или упатување на формална проценка.

Оваа алатка не поставува дијагноза, туку помага во рано препознавање на можни ризик-фактори поврзани со дислексија.

Интерпретација на резултатите

Под 86 поени – Мала веројатност за присуство на карактеристики на дислексија

Резултатите укажуваат дека ученикот најверојатно нема изразени тешкотии карактеристични за дислексија. Овој опсег обично го покажуваат ученици без типични знаци на дислексија. Меѓутоа, ако академскиот успех е слаб и покрај овој резултат, можно е да постојат други фактори (на пример: потешкотии со внимание, мотивација или разбирање на наставниот материјал). Важно е да се има предвид дека некои ученици со дислексија развиваат компензациски стратегии со кои ги прикриваат своите тешкотии.

86–129 поени – Можни благи показатели на дислексија

Овој резултат укажува на присуство на одредени карактеристики поврзани со дислексија, но во поблага форма. Учениците од оваа категорија најчесто се трудољубиви и постигнуваат добри резултати, но тоа го прават со значително повеќе напор од своите врсници. Често се чувствуваат несигурни во сопствените способности и имаат пониска самодоверба. Советникот може да предложи стратегии за читање, користење на дигитални алатки за поддршка, дополнителни објаснувања на наставата и активности што ќе ја поттикнат самодовербата и мотивацијата.

Над 129 поени – Висока веројатност за присуство на дислексија

Овој резултат укажува на значајни потешкотии поврзани со читање, пишување и обработка на информации. Учениците со ваков резултат често имаат изразени силни страни во креативното размислување, визуелно-просторните способности и решавањето проблеми, но им е потребна структурирана поддршка и прилагодувања во процесот на учење. Советникот треба да препорача формална проценка кај специјален едукатор или психолог, како и да разговара со родителите и наставниците за можните форми на поддршка.

Важно е да се потенцира дека раната идентификација и охрабрување на силните страни можат значително да влијаат на самодовербата и академскиот напредок на ученикот.

 

Важно потсетување

Целта на оваа алатка е да помогне во разбирање и поддршка, а не да постави етикета. Секој резултат треба да се разгледува во контекст на индивидуалните околности на ученикот, неговата мотивација, емоционална состојба и образовна средина.

 

Запомнете: целта на оваа алатка е да поттикне отворен разговор за предизвиците и разбирање, а не да постави дијагноза.

 

Следни чекори

Доколку се идентификуваат можни показатели за дислексија, стручниот соработник треба да:

  • ги разговара резултатите со ученикот и, доколку е соодветно, со неговите родители;
  • сподели информативни ресурси, како на пример www.cskill.eu
  • соработува со наставниците или стручните лица во училиштето;
  • го охрабри ученикот, нагласувајќи ги неговите силни страни и промовирајќи инклузивни стратегии во учењето.

Одрекување од одговорност

 

Алатката „Идентификувај за да поддржиш“ не претставува дијагностички инструмент.

Нејзината цел е рано препознавање на можни знаци на дислексија и насочување кон соодветна поддршка или дополнителна проценка.

Резултатите од оваа алатка треба да се користат исклучиво како индикативни, а не како основа за поставување дијагноза.

Само лиценцирани стручни лица имаат право да спроведат формална проценка и да постават дијагноза за дислексија или други специфични тешкотии во учењето.

Оваа алатка е дизајнирана со цел да им помогне на кариерните советници, младинските работници и наставниците да ги препознаат можните знаци на дислексија и да го охрабрат ученикот кон понатамошна поддршка, разбирање и прифаќање на неговите индивидуални разлики во учењето.