Автор: Катарина Златановска Попова, GCDF сертифициран кариерен советник со 13 годишно искуство
Дали некогаш сте си ги поставиле прашањата, или познавате некој млад човек кој во моментот го мачат прашањата како:
- “Што да студирам?”
- “Како да знам во што сум добар/добра?”
- “Што ако не успеам?”
- “Дали морам да изберам една професија за цел живот?”
Овие прашања не се нешто невообичаено — тие се длабоко човечки. Тие ја одразуваат неизвесноста, притисокот и стравот со кои се соочуваат многу млади луѓе додека се обидуваат да се снајдат низ училиштето, очекувањата и непредвидливата иднина.
Кариерното советување не се заснова на давање готови одговори. Станува збор за создавање безбеден и структуриран простор каде што младите луѓе можат да истражуваат, размислуваат и себеоткриваат — без осудување.
Преку персонализирани сесии и структуриран пристап, кариерното советување им помага на младите во:
Откривање на внатрешениот компас
Започнуваме со тоа што им помагаме да ги препознаат своите интересирања, вредности и уникатни силни страни. Преку алатки како прашалници, вежби за креирање на лична визија, и отворен дијалог, младите учат повеќе за тоа кои се тие навистина, а не само што другите очекуваат од нив.
Разбирање на светот на работата
Кариерното советување нуди увид во тековните трендови на пазарот на труд и во новите професии кои се појавуваат, вклучувајќи области како етика на вештачка интелигенција, консултантство за одржливост и дигитална добросостојба. Им помагаме на младите да ги согледаат не само можностите што постојат денес — туку и оние што допрва доаѓаат.
Разгледување на повеќе кариерни патеки
Заборавете на „една работа од соништата за цел живот“. Ние го воведуваме концептот на повеќекариерни патеки — пореалистичен, пофлексибилен и охрабрувачки начин за гледање кон иднината. Младите учат дека нивната кариерна патека, а со тоа и професијата, може да се промени во текот на животот, и тоа е во ред.
Развивање на вештини за донесување одлуки и градење на самодоверба
Донесувањето одлуки поврзани со училиштето, работата или животот понекогаш може да биде исцрпувачко. Ние ги водиме младите во поставување реални и значајни цели и ги поддржуваме во развивање на критичко размислување, самодоверба и поголема подготвеност за превземање на лична одговорност и контрола врз сопствениот кариерен пат.
Дизајнирање на сопствената иднина
Со јасноста доаѓа и мотивацијата. Кариерното советување им дава моќ на младите да ја преземат одговорноста за својата иднина — не со тоа што ќе ги натера да ги донесат сите одлуки одеднаш, туку со тоа што им покажува како да прават промислени и прилагодливи информирани избори, засновани на јасна слика за себе, личните вредности и препознавање на можностите.


